СТРУЧНИ ТЕМИ
Е-ПОШТА
contact@jzuzelezara.mk
ТЕЛЕФОН
++ 389 (0)2 2657 051

Пребарајте на нашата веб страна

д-р Љубица Божиновска - Митровска,

специјалист оториноларинголог

 

СЕКРЕТОРЕН ОТИТИС МЕДИЈА (СОМ) - Otitis media secretoria (SOM) 01 OTITIS

! ДЕФИНИЦИЈА

 

Секреторен отитис медија (СОМ) преставува воспалителен процес на слузницата на средно уво и се карактеризира со присуство на серозен или мукозен излив зад интактна мембрана тимпани.

Во литературата се користат различни термини-отитис медија со ефузија (ОМЕ), отитис медија сероза, отитис медија мукоза, glue ear и др. кои опишуваат иста состојба, а тоа укажува дека етиопатогенезата на СОМ се уште не е доволно јасна.

Оваа течност може да се акумулира во средното уво како резултат на настинка, инфекција на горните дишни патишта, алергија. СОМ обично се самоограничува, што значи дека течноста обично се повлекува сама по себе во рок од 4 до 6 недели.

Меѓутоа, во некои случаи течноста може да опстојува подолг временски период и да предизвика привремено намалување на слухот или течноста може да се инфицира (акутен отитис медија).

 

! ЕПИДЕМИОЛОГИЈА

 

Секреторен отитис медија (СОМ) е едно од најчестите зболувања во детска возраст. Преваленцата може да варира според возраста: од 2 до 5 години, според годишното време, почесто во есенскиот и зимскиот период, престојот во затворен простор, градинки и др.

Најчесто е недоволно дијагностицирана поради недостаток на акутни или очигледни симптоми (во споредба со акутниот отитис медија). Кај возрасните неопхдно е да се земат во предвид одредени причини што доведуваат до опструкција на евстахиевата туба - тумори на назофаринкс.

 

! ПРИЧИНИ

 

Нарушена функција на Евстахиева туба има најголема улога во патогенезата на СОМ.

Евстахиевата труба е мал канал кој ги поврзува средното уво и ждрелото. Служи за изедначување на притисокот во увото и дренирање на секретот што го создава лигавицата која го обложува средното уво, тоа е просторот зад тапанчето.

Евстахиевата туба е обично затворена, освен при џвакање, голтање и прозевање, кога се отвара. Се работи за мал канал кој е изграден од рскавица, мускули и коска. Кога оваа цевка не работи правилно, таа ја спречува нормалната дренажа на течноста од средното уво, предизвикувајќи акумулација на течност зад тапанчето.

 

! Најчести причини:
1 Нарушената функција на евстахиева туба може да биде од анатомски и функционални причини и предизвикува нарушена вентилација на просторот на средното уво;
  Најчести причини за анатомска опструкција на тубата се: стеснување на отворот на тубата како последица на воспаление на слузницата на тубата предизвикан од вирусна инфекција на горните делови на респираторниот тракт и/или од механичка природа поради присуство на аденоидно ткиво кое се наоѓа околу остиумот на тубата;
  Функционална опструкција на тубата настанува заради нарушување на нормалниот мускулен механизам на отварање на тубата, незрела евстахиева туба, која е честа појава кај малите деца;
2 Алергија може да доведе до оток и конгестија на слузницата на носот, грлото и евстахиевата туба (овој оток го спречува нормалниот проток на воздух и течности);
3 Малформација на евстахиевата туба;
4 Нерационална употреба на антибиотици која води до супресија на локалниот имунитет.

A Konjuktivit 01

! Процесот може да биде клaсифициран како:
1 Акутен (ефузијата трае до 3 недели).
2 Субакутен (ефузијата трае до 3 месеци).
3 Хроничен (ефузијата трае подолго од 3 месеци).

 

! СИМПТОМИ

 

Доминантен симптом е наглувост, која малите деца не ја забележуваат, болка нема, па затоа болеста може долго време да остане неоткриена. Обично родителите забележуваат дека детето често препрашува и пушта гласно телевизија. Исто така може да се пролонгира развојот на говорот.

Постарите деца и возрасните со СОМ често ги опишуваат звуците како пригушени. Може да чувствуваат како увото да е полно со течност, чувство на притисок, крцкање или зуење во увото. Ретко е присутна болка.

 

! ДИЈАГНОЗА

 

Дијагноза се поставува со

 

! ОТОСКОПСКИ ПРЕГЛЕД

 

Со отоскопски преглед се гледа ретракција на тапанчето, излив во средно уво, ниво на течност и воздушни меурчиња. Мембрана тимпани е заматена, истенчена, нејзината боја може да биде бледа, црвеникава, жолтеникава што зависи од присуството на течноста.

A Konjuktivit 02

04 OTITIS

 

! ТИМПАНОМЕТРИЈА

 

Со тимпанометрија се прави графички запис, тимпанограм, кој ни укажува за мобилноста на тапанчето. Тој може да биде преставен како рамна линија-крива тип Б кој ни укажува за присуство на течност во средно уво или прикажан како крива тип Ц со што се потврдува дисфункција на евстахиева туба.

A Konjuktivit 02

 

! АУДИОМЕТРИЈА

 

Со аудиометрија кај деца над 4 години и кај возрасни се добива кондуктивна (проводна) редукција на слух поизразена за ниските фреквенции.

A Konjuktivit 02

 

! НАЗОФАРИНГЕАЛЕН ПРЕГЛЕД

 

Возрасните мора да се подложат на назофарингеален преглед за да се исклучат малигни или бенигни тумори. Назофарингеален малигнитет особено треба да се посомнева во случаи на унилатерален секреторен отитис медија.

 

! ТРЕТМАН

 

Индикација за каков било вид третман се базира на две клинички манифестации: редукција на слух и рекурентен акутен отитис медија. Потребно е пред сé следење на пациентот бидејќи во повеќето случаи течноста во СОМ се повлекува сама по себе во рок од 4 до 6 недели, така што не е потребен акутен третман.

Акутната и субакутната форма на СОМ се третира конзервативно со цел да се подобрат дишењето на нос и функцијата на евстахиевата туба. Конзервативната терапија вклучува деконгестивни капки за нос, хигиенски мерки и капки за навлажнување на носната лигавица, доколку се сомневаме за алергија се вклучува антихитаминици и локална примена на кортикостероиди. Антибиотик се вклучува само кога се работи за инфекција. Аденоидектомија се прави со цел да се отстрани механичката опструкција на фарингеалниот остиум на тубата и се отстранува жариштето на инфекцијата.

Доколку не дојде до подобрување за 1 до 3 месеци (хронична форма на СОМ) и доколку постои значителна редукција на слухот и присутни структурни промени на тапанчето индициран е хируршки третман. Миринготомија - Парацентеза е инцизија (засекување) на мембрана тимпани заради евакуација на секретот од средно уво, аспирација на секретот и поставување на вентилациони цевчиња со што се постигнува дренирање на течноста (изливот) од средно уво, одржување на нормален притисок во просторот на средно уво со што се потикнува процесот на репарација на слузницата во средно уво. Се постигнува нормализирање на слухот и намалување на ризикот од повторни инфекции и се создаваат услови за нормален развој на детето и нормализирање на говорот доколку постоела таа причина.

07 OTITIS

Вообичено аденоидектомија и миринготомија се прават истовремено. Постојат два типа на вентилациони цевчиња: краткотрајни вентилациони цевчиња кои се отфрлаат или отстрануваат по 6 до 12 месеци и дологотрајни вентилациони цевчиња кои можат да останат на тапанчето и подолго од две години.

08 OTITIS

Навремена и прецизна дијагноза на секреторен отитис медија го зголемува терапискиот простор кој треба да биде адаптиран за секој пациент и наодите добиени од диајгностичките процедури. На тој начин значително се намалува ризикот од појава на компликации, ризикот од оштетување на слухот и потешкотии во развој на говорот.

 

д-р Љубица Божиновска - Митровска,

специјалист оториноларинголог

 

 LOGO T S 400 300

 

Контакт информации

 

BANER WEB

   
ул. 16-ТА МАКЕДОНСКА БРИГАДА БР. 18
1000 СКОПЈЕ
++ 389 (0)2 2657 051 / информации
++ 389 (0)2 2657 000 / директор
contact@jzuzelezara.mk
Локација

 

СОГЛАСНОСТ ЗА КОЛАЧИЊА (COOKIES)

Интернет страната www.jzuzelezara.mk може да користи т.н. колачиња (cookies) за да се подобри прелистувањето, да се зачуваат одредени кориснички поставувања и да се поедностави интеракцијата со одредени делови на страната.

Интернет пребарувачот на посетителот на страната може да биде нагоден да ги одбива колачињата, односно да предупредува за нивното појавување, а тие во секој момент можат да се избришат од уредот на посетителот.

Во некои случаи, колачињата се потребни за правилно функционирање на интернет страната.

Изберете дали се согласувате да се користат колачиња (cookies)